Фудбалска треска ја тресе Италија: Против БиХ ќе се руши рекордот за ТВ гледаност КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026 КАНАДА/САД/МЕКСИКО - БАРАЖ Филип Здравески 27.03.2026 / 15:08 Фудбал Италијанската репрезентација, предводена од тренерот Џенаро Гатузо, не само што бележи победи на зелениот терен, туку руши рекорди и пред малите екрани. Според угледниот италијански весник Corriere dello Sport, полуфиналниот натпревар од баражот за Светското првенство 2026, во кој Италија ја победи Северна Ирска со 2:0 во Бергамо, беше апсолутен телевизиски хит во оваа земја. Натпреварот, кој беше емитуван во живо на каналот Rai 1 во четвртокот вечерта, го следеле неверојатни 10.036.000 гледачи, остварувајќи удел од 43,82%. Победата за Италијанците ја донесоа головите на Сандро Тонали и Моис Кин во второто полувреме, а овој натпревар беше убедливо најгледаната телевизиска програма во Италија таа вечер. Италијанските медиуми сега го насочуваат целото свое внимание кон решавачкиот меч и гостувањето на „Аѕурите“ во Босна и Херцеговина. Corriere dello Sport истакнува дека целата нација ќе биде залепена за своите екрани во вторник вечер. „Мундијалското бараж финале, во кое Италија ќе ѝ гостува на Босна и Херцеговина во Зеница во вторник во 20:45 часот, исто така ќе биде директно емитувано на првиот канал на Rai. Со оглед на износот на пари што е во игра за билет за Светското првенство, се очекува дека ќе има уште поголема публика пред телевизорите низ цела Италија“, се наведува во текстот. Овие импресивни бројки јасно ја покажуваат еуфоријата, но и притисокот што владее на Чизмата пред историскиот судир на стадионот „Билино Поље“. А, тој притисок е и тоа како висок од проста причина што Италијанците ги пропуштија последните два мундијала, двапати губејќи токму во баражите (за 2018 од Шведска, а за 2022 од Македонија). „Аѕутите“ претходно во целата историјата имаа пропуштено само два мундијала и тоа првиот во 1930 кога не се пријавија (немаше квалификации) и во 1958 кога завршија втори во квалификациската група зад изненадувањето Северна Ирска. „Змејовите“ дефинитивно ќе се соочат со дуел во вторник против исклучително мотивиран противник кој ги носи очекувањата на десетици милиони фанови. Тие, пак, се надеваат на втор мундијалски настап по оној во 2014 во Бразил. Италија фудбал СП 2026 Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On
2026-03-27 14:08:10