Операторот на електропреносниот систем МЕПСО во текот на минатата година делел просечна месечна плата по вработен од 1.000 евра, што е потврдено и во самиот финансиски извештај што го објави за 2025 година. Во самиот документ, операторот потврдува дека месечната плата е над 60.000 денари и дека се зголемила за околу 9 отсто за една година, најмногу поради колективниот договор. Покрај високите плати, вработените на МЕПСО остваруваат и други примања кои се прикажуваат како значителни трошоци. За плати (трошоци за вработени) биле потрошени вкупно 832.093.394 денари, односно повеќе од 13,5 милиони евра за 626 вработени со кои е завршена годината. Една година претходно за истиот број на работници биле потрошени 12,14 милиони евра. Во 2023 пак бруто сумата за плати била 10 милиони евра. Во финансискиот извештај се објавени и нето платите на седумте членови од Управниот одбор. Генералниот директор Бурим Љатифи има околу 2.500 евра месечна плата, а останатите членови нешто помалку. МЕПСО е едно од акционерските друштва во јавна сопственост кое што редовно работи позитивно. Минатата година оствари добивка од 20 милиони евра. Покрај тоа Регулаторната комисија за енергетика му одобри зголемување на околу 5 отсто од приходите преку наплатата од сметките за струја. Регулираниот оператор МЕПСО заработува од услугите поврзани со преносот и управувањето со електроенергетскиот систем. Главните извори на приходи се:од пренос на електрична енергија, прекугранични преносни капацитети (аукции), балансирање на електроенергетскиот систем и системските услуги, А.К.
2026-07-21 05:55:00