Ќе се шокирате кога ќе видите што се случувало во аферата „Мазут“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тошковски очекува продолжената истрага за случајот „Мазут“ да ги расчисти сите околности и вели дека информациите со кои е запознаен може да ја фрапираат јавноста кога ќе бидат објавени. „Не е битно дали министерот за внатрешни работи е задоволен или не е задоволен од која било одлука на Јавното обвинителство, битно е дали граѓаните на крајот ќе видат правда“, изјави Тошковски. Тој изрази надеж дека Обвинителството професионално ќе ги разгледа сите детали во случајот и посочи дека информациите што му биле пренесени од истражителите кои работеле на предметот се сериозни. „Информациите коишто беа споделени со мене, а се поврзани со предметниот случај, навистина сум сигурен дека ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени“, рече Тошковски. Вишото јавно обвинителство претходно ја укина наредбата за запирање на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ и го задолжи ОЈО за гонење организиран криминал и корупција да продолжи со постапката, да прибере дополнителни податоци од повеќе институции и да нареди нови вештачења. ОЈО ГОКК во мај годинава ја затвори истрагата со образложение дека по едногодишно постапување не биле потврдени наводите од кривичната пријава. Предметот опфаќаше 13 лица, а вредноста на набавките изнесува 167 милиони евра. фото МВР
2026-09-01 17:27:00