Во врска со проблемот со дивиот пешачки премин кај Бит-пазар, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска изјави дека има само една алтернатива – или преминот да биде легален во согласност со законот и да се отстрани натпатник за да се добие сообраќајно решение или натпатник да стане функционален и преминот да се затвори. Одговорајќи на новинарски прашања пред дебатата „Скопје – европски град на културата 2028: Културното наследство и современата културна динамика“, Ѓорѓиевски информираше дека денеска или за време на викендот ќе има средби со министерот за внатрешни работи и со градоначалникот Изет Меџити. Тој порача дека врвен приоритет е безбедноста на граѓаните и дека законите и правилата мора да важат еднакво за сите. -Граѓаните сакаат ред во главниот град. Логично е да има одреден отпор, но јас и Градот постапуваме според законот. Јас сум многу упорен и решителен кога станува збор за почитување на законите и правилата, кои треба да важат еднакво за сите. Токму недовербата во институциите ги тераше младите да ја напуштаат државата. Ние треба да создадеме општество во кое сите ќе бидеме рамноправни. Не смее да има повластени – одредена група луѓе, на пример, независно дали се Македонци, Турци, Албанци, Власи... Ќе го решиме проблемот, ќе треба да помогнат и централните институции, нашите служби треба да имаат поддршка од МВР. Ќе разговоарам и со министерот и со градоначалникот Изет Меџити во текот на денешниот ден, во текот на викендов, и верувам дека ќе го решиме проблемот. До мене изминатиот период стигнаа повеќе од стотина барања од граѓани што се загрижени за својата безбедност. Мене, како татко на градот, врвен приоритет треба да ми биде безбедноста на граѓаните и тука нема компромис со никого - изјави Ѓорѓиевски одговорајќи на новинарски прашања.
2026-05-22 15:27:00