Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски синоќа потврди дека неколку луѓе се повикани на информативен разговор во полиција во врска со денеска проширените шпекулации дека водата во Скопје е загадена со бактеријата ешерихија коли. „Како што сум информиран МВР има повикано повеќе лица на информативен разговор и според мене мора да има одговорност за ова што се случува. Не може туку така да споделувате информации и да ширите паника“, рече Муцунски, кој, исто како и Ѓорѓиевски пред него, директно го обвини опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за ширење на лажните информации Вчера попладне две жени кои споделувале објави дека водата во Скопје не е за пиење и има бактерии се повикани во полициска станица, објавија медиуми. Испрашувани биле за тоа кој им ја дал информацијата, зошто ја споделиле иако не ја провериле и кој бил мотивот. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера на прес-конференцијата обвини дека на социјалните мрежи се шират непотврдени информации кои предизвикуваат вознемиреност, а како последица граѓани почнале масовно да купуваат вода во маркетите. Тој најави дека надлежните институции ќе постапат против оние кои намерно шират лажни информации. Воедно, градоначалникот посочи дека ЈП „Водовод и канализација“ редовно ја испитува водата преку својата лабораторија, која, според него, врши анализи на повеќе локации во Скопје и помага и во други градови. Како пример го наведе Гостивар, каде што лабораторијата во изминатиот период извршила околу 300 анализи. објави Скопје1.мк На социјалните мрежи молскавично се проширија информации дека скопската вода е загадена, поради што мораа да реагираат и властите, а скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и се напи вода од чешма на прес-конференција.
2026-08-13 04:45:00